Со промоција на публикацијата „Магнет – Од увото до окото и назад“ и арт филм заврши одбележувањето на месецот ноември , како месец посветен на првиот академски сликар од Крива Паланка Димитар Стојчевски, доајен на македонското современо сликарство и еден од основачите на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.
Автор на публикацијата и арт филмот , кои се збирка од филозофијата на животот, разговори, архивски материјали и асоцијации, е Кирила Цветковска, историчарка на уметност, кураторка и уметница.
Во чест на Димитар Стојчевски во текот на месец ноември постхумно беа организирани повеќе изложби, промоција на документарен филм и на монографија за Стојчевски од ликовниот критичар и уметник Гоце Божурски.
Организатор на сите настани е Градскиот музеј од Крива Паланка, во соработка со Министерството за култура, општина Крива Паланка, Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осговски“, НУ Центар за култура и Центарот за аудиовизуелни уметности.