Делата се создадени во рамките на проектот „Сите бои на џезот“, што Центарот за аудиовизуелни уметности го реализира веќе 3 години по ред, со финансиска поддршка на Министерството за култура.
„Овој проект претставува промоција на џез културата и ликовното творештво на македонски уметници од Крива Паланка. Авторите ги создаваа делата пред публиката, која имаше можност да се запознае со уметничкиот процес од блиску и интерактивно да учествува во настаните. Сметаме дека Градскиот музеј е најсоодветно место за заштита, валоризација и промоција на културното наследство, кое останува на локалната заедница и идните генерации, па затоа одлучивме да ги подариме делата на оваа институција. Дарувањето во уметноста е благородно дело и зачувување на трајните вредности“
Методи Цветковски, претседател на Центарот за аудиовизуелни уметности.
Делата, кои ја сочинуваат збирката, се создадени од академските сликари Димитар Стојчевски, Роберт Цветковски и Нела Јанковска, сите од Крива Паланка.
„Почестен сум што ги добиваме овие дела , кои ќе ја сочинуваат првата збирка на современа ликовна уметност на нашата институција и се надевам дека од година во година се повеќе ќе се збогатува. Проектот „Сите бои на џезот“ е навистина уникатен и како спој на музиката и сликарството дава вредност, која навистина треба да се зачува. Особено што е создадена од познати и признати македонски автори од нашата општина, меѓу кои не се само сликари, туку и музичари, како што е познатиот џез музичар Гордан Спасовски“.
Драган Величковски – директор на Градскиот музеј
На свеченоста посебно признание му беше одадено на неодамна починатиот академски сликар Димитар Стојчевски и беше најавено дека оваа година во негова чест ќе се реализираат повеќе настани и проекти